„Горди сме на се што направивме во овој парламентарен состав. Состав што ќе се памти по тешки но битни одлуки што ги донесовме за доброто на граѓаните и нашата земја. Тоа што го направивме вчера е заслуга на сите 80 пратеници што гласаа вчера за Законот за ЈО, кој ќе овозможи предметите што беа покренати од СЈО да останат живи и тие што треба да одговараат да одговараат за се што направиле во тие 11 години додека беа на власт“, изјави за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“, Мухамед Зеќири, потпретседател на СДСМ.
Тој вели дека носењето на Законот за ЈО било неизвесно до самиот крај, заради ставовите на одредени политички партии, меѓутоа според него успеале да ги убедат дека ова е најдоброто решение.
Околу шпекулациите во јавноста дека Законот за ЈО се носи за ослободување на одредени виновници, за избегнување на правдата итн.. Зеќири дециден – Зарем да предвидува нешто такво Законот – мислите дека ЕУ и САД ќе стојат зад Законот?
„Во консултација со експерти од ЕУ и САД е изработен овој Закон. Ние сме убедени дека се обезбедени сите предмети што беа покренати од СЈО. За спорниот член 110, зад кој се дигна прашина, јасно да кажам дека предметите не се губат. Ако е некој за правда зошто им сметаше овој закон?“, вели Зеќири.
Тој вели дека имало притисок секаде каде што ВМРО-ДПМНЕ сметале дека можат да го вршат. „Илија Димовски трчаше кај секој пратеник кај што мислеше дека може да влијае и да врши притисок да не се гласа. Тоа не го правеа кај исфрлените пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, тоа го правеа и кај ДУИ. Со секој изминат ден притисокот растеше врз тие пратеници. Но сите беа свесни што треба да прават и не подлегнаа под притисоците“, изјави Зеќири.