„На Инфективната клиника има еден медицински техничар којшто е позитивен на коронавирусот, има клиничка слика на воспаление на белите дробови. Направена е епидемиолошка анкета, и семејна и помеѓу вработените и согласно тоа ќе се постапи за да се организира делот на работата во одделението кадешто работел во рамките на клиниката. Единствено од семејството сега детално се разговара и со сопругата за да се анализираат и евентуални дополнителни контакти, приватни, како првични контакти од епидемиолошката анкета“, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче извести дека има 11 медицински лица од Куманово кои се позитивни на коронавирусот и дека со ова се компромитира работата на Инфективното одделение бидејќи и претходно имаше дијагностициран здравствен работник.

„Поради тоа упатени се двајца доктори од денеска, еден од Скопје и еден од Штип кои ќе ја одржуваат работата на ова исклучително важно одделение“, рече Филипче.

Тој рече дека епидемиолошките анкети се уште траат и за другите одделенија, па во согласност со резултатите ќе се организира работата и на останатиот дел од болницата, како и дека поради ова е предложено и усвоено продолжувањето на полицискиот час во Куманово.