Владата на својата 40-та седница одржана вчера, согласно Заклучокот од 33-та владина седница одржана на 2 април, донесе нов Заклучок со кој се задолжуваат сите органи на државната управа и јавните претпријатија да се придржуваат до забраната за спроведување на несуштински јавни набавки, како дел од мерките за рационализација на постапките за јавни набавки поради последиците од епидемијата со коронавирусот.
– Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции , фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се препорачува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и другите институции од јавниот сервис да се придржуваат до забраната за спроведување само на несуштински јавни набавки (мебел, возила, опрема и слично), се наведува во Заклучокот.
Во текстот се посочува дека по исклучок, до колку постои итна и неопходна потреба од ваква јавна набавка, во насока на нормално и непречено функционирање на институциите и извршувањето на нивната надлежност, тогаш таа да се спроведе исклучиво по претходна согласност од Владата.
– Согласно ова, сите горенаведени институции да ги потпишуваат договорите за кои што се завршени постапките за јавни набавки и за кои имаат обезбедено средства во рамките на буџетите и согласно планот за јавни набавки на соодветната институција имајќи ја предвид Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.97/20). Останатите јавни набавки институциите да ги спроведуваат во рмаките на буџетот на соодветната институција имајќи ја предвид Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.97/20) и согласно планот за јавни набавки, се додава во Заклучокот.