На денешната седница Владата донесе Одлука за субвенционирање на каматата спрема Европската инвестициона банка која ќе се пресметува на преостанатиот дел од заемот во износ од 50.962.187,00 евра одобрен со Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза, склучен меѓу Европската инвестициона банка и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, како и пресметаната камата од страна на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.

Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка и за надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот КОВИД-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, во насока на мерките за стимулирање на работењето на мали и средни претпријатија преку пронаоѓање на модалитети за стимулирање на процесот на производство, обезбедување на ликвидност на претпријатијата, зачувување на работните места како и задржување на конкурентната позиција на компаниите.

На оваа седница Владата ја усвои Информацијата за потребата од редизајнирање на Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) и Кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел ставање на средствата од овој фонд и кредитна линија во функција на намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, со препорака Развојната банка на Северна Македонија олеснетите услови да ги примени во Јавниот повик во најкраток можен рок.

Владата, информираат од владината прес-служба, ја разгледа и усвои Информацијата за пренос на дополнително прибрани средства од Компензационите фондови од странска помош од сметките на Министерството за финансии во Народна банка на Република Северна Македонија на сметките на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.