На денешната владина седница донесовме одлука за ограничувањата на движењето за период којшто ни претстои, вклучително и велигденските празници.
За време на викендот, вклучително и понеделник, од петок 17 април во 16 часот, до вторник 21 април во 05 часот, се забранува движењето за сите граѓани.
Останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
Дополнително, од четврток (16 април) 16 часот, до вторник (21 април) 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава.
За лицата над 67 годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие граѓани има целосна забрана.
За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие лица има целосна забрана.
Останува активна забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.