Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 13-та седница ги разгледа извештајот на Управувачкиот комитет за координација и справување во системот за управување со кризи за состојбата со мигрантската криза во Република Северна Македонија.
Владата донесе повеќе заклучоци кои тргнуваат од фактот дека Северна Македонија веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза кој е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците како транзитна земја, и дека дел од тој систем е постојаната комуникација со партнерите на нашата земја во НАТО и ЕУ, како и со сите земји во регионот.
Во таа насока е и заклучокот на Владата да се побара од земјите со кои Северна Македонија непосредно соработува со нивните полициски припадници на нашата јужна граница, да се зголеми бројот на полициски службеници, кои со зголемениот број на припадници од Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе ги споделат оперативните ангажмани во случај на раст на бројот на мигранти.
Владата заклучи да побара и да ја прифати веќе понудената техничка помош од Интернационалната организација за миграции (ИОМ), од УНДП, УНХЦР, како и од Европската Комисија и другите интервентни фондови како за Министерството за внатрешни работи така и за Министерството за одбрана, вклучително и обезбедувањето на резерви со храна, вода и друг потрошен материјал.