Владата на Република Северна Македонија денеска на свечена седница ја одбележа четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО.
Со седницата на која учествуваа членовите на Владата, претседаваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, а збор зедоа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ.
Премиерот Џафери, во своето обраќање истакна: „Утре навршува четвртата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО. За мене лично е од особено значење оваа годишнина, бидејќи имам чест и да се обратам како премиер на држава која повеќе не сонува за оваа стратешка цел, туку активно придонесува и е ценет член на најмоќната одбранбена Алијанса во светот.
Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои не доведоа до денешното членство во НАТО. Ние ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказот дека секоја направена жртва – вредеше!“.
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој нагласи: “Нашето членство во Алијансата претставува значаен придонес кон изградбата на стабилен и безбеден регион, што е од посебна важност во овој период кога се соочуваме со актуелните безбедносни предизвици предизвикани од руската воена агресија во Украина.
Како членка на НАТО, Северна Македонија не претставува само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели”, рече Османи, истакнувајќи дека од корисник на безбедност, Северна Македонија се трансформира во земја која произведува безбедност, придонесувајќи во мултинационалните операции предводени од НАТО.
На свечената седница се обрати и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која потенцираше: „Првата клучна придобивка е тоа што со членството на Северна Македонија во НАТО повеќе никогаш нема да стане збор дали нашиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да биде загрозена. Не може.
За една држава која има нешто повеќе од три децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Значи безбедноста е на прво место, потоа се разбира таа безбедност и стабилност гарантира инвестиции и подобра економска состојба во државата. Затоа членството во НАТО беше стратешка цел на државата од првиот момент на нејзиното осамостојување, и треба да бидеме горди што ја реализиравме.
Ние веќе четири години не сме тема на масата како Балканска земја на која треба да и се помогне туку сме еднакви со сите земји членки и одлучуваме заедно. Северна Македонија од земја на која меѓународната заедница и помагаше да го задржи мирот сега е земја која активно придонесува за регионалната безбедност. И не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од чија било страна, бидејќи во тој случај зад себе имаме сојуз од 32 држави.
Нека ни е честита 4-годишнината од членството во НАТО. Презедовме голема обврска, огромна одговорност и постигнавме резултат. Нека е честит овој голем историски успех на нашата генерација”.
Збор зеде и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, кој во своето обраќање се осврна: “Денешниот ден, четири години откако сме членка на НАТО, најдобро во пракса ги демантира и скептицизмот и резервите и грчот од пред пет години. Денес имаме можност и да си честитаме и да одбележиме и да сме горди на Северна Македонија членка на НАТО.
Денес има околности кои ни укажуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме војна во Украина а ние сме на безбедната линија на границата во Европа. Имаме држави како Финска и Шведска кои што се со векови воено неутрални и кои ја сменија својата надворешна и безбедносна политика на неутралност за да станат членки на НАТО каде што ние веќе сме членка. Имаме ситуација во регионот во која 3/6 држави од Западен Балкан се земји членки на НАТО а ние сме меѓу тие три заедно со Албанија и Црна Гора.
Тоа можеби ни се чини денеска подарено, меѓутоа за тоа сме се избориле тешко и со големи политички жртви. Но тоа само нѐ потсетува дека тешките одлуки се навистина вредни и за граѓаните и за државата. И дека тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ нас политичарите сигурно ќе не чинат, меѓутоа бидете сигурни дека кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ дека граѓаните ќе ни бидат благодарни”.
Добивајте вести на Viber