Владата, синоќа на седница донесе одлука со којашто на професионалните возачи кои поседуваат валиден сертификат, Министерството за внатрешни работи треба да им издава патни исправи во приоритетна постапка, по редовна цена и врз основа на доставено барање и список од страна на Министерството за транспорт и врски.

Одлуката за воспоставување брза лента за издавање патни документи на професионалните возачи е донесена по информацијата од Министерството за транспорт и врски за одржаниот состанок со превозници кои вршат превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи, и на кои им се овозможува по приоритет да ги заменат патните документи, со цел континуирано извршување на работните обврски.

Постапката за пријавување ќе се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортери, со што листите со професионални возачи ќе се достават до Министерството за транспорт и врски, кое ќе ја проверува валидноста на сертификатите, а понатаму ќе се проследуваат до Министерството за внатрешни работи.