Крупни промени во здравствениот систем, гарантираат новите измени на Законот за здравствената заштита, кои денеска беа усвоени на седница на Владата, соопшти Министерството за здравство.

Со новините во законската регулатива, како што се посочува, се отвора можноста лекарите да заработат уште повеќе, а услугите за пациентите да бидат подостапни.

Од Министерството информираат дека сега со новите измени се овозможува лекари специјалисти да работат во кое било јавна здравствена установа во државата.

Со измените на Законот, лекарите специјалисти вработени во која било државна или приватна здравствена установа ќе може да дежураат, во која било здравствена установа ширум државата согласно дефицитот на нивната специјалност во одредена болница или регион, а од крајот на следната година, општите лекари вработени во здравствените домови и педијатрите и гинеколозите вработени во болничкиот сектор, ќе може да бидат и матични лекари, согласно дефицитот од тие матични лекари, во различни региони од државата, што ги утврдува Министерството.

Со законските измени, пациентите остануваат во истата ординација на нивниот матичен лекар доколку тој се пензионира или го напушти тоа работно место и со тоа пациентите продолжуваат да се лекуваат во веќе избраната ординација, а на веќе вработените лекари, за шест месечен стаж, како услов за специјализација се смета и времето поминато во здравствената установа каде се вработени. Првпат се регулира и вклучувањето на граѓанските органзации во системот на здравствена заштита, информираат од Министерството.