Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа својата 32-ра седница на која беше разгледан и усвоен вториот пакет економски мерки за справување со кризата, дизајнирани во широка консултација и суштинска дебата со членовите не Економскиот совет формиран токму за оваа цел, како и низ разговорите што ги имавме со деловната заедница преку стопанските комори, и низ одделните разговори со нашите врвни економски познавачи од академската сфера и со угледните и успешните стопанственици од реалниот сектор.

Деталите за сите мерки опфатени во овој втор сет мерки беа соопштение на прес-конференција на која говореше претседателот на Владата Оливер Спасовски, и на која учествуваа и заменичката на претседателот и задолжена за координација на економските ресори Мила Царовска, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, и заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Соопштението од оваа прес-конференција, како и содржината од вториот пакет економски мерки за справување со кризата од коронавирусот, можете да ги најдете на следниот линк.

На оваа 32-ра седница на Владата беше усвоен Записникот од 15-тиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 31 март 2020 година.

На денешната 32-ра седница, Владата ја разгледа и ја потврди Годишната пресметка за 2019 година, чиј составен дел е и Годишниот извештај за работа на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, според која активностите за 2019 година се реализираа според Стратешкиот план и дефинираните Програми и потпрограми во Годишниот план за работа кои се групирани во основните програми во Буџетот. Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во 2019 година, согласно програмските активности, оптимално ги искористи финансиските средства. Имајќи ги предвид моменталните состојби, одредени финансиски средства се пренаменија за покривање на неисплатени застарени обврски во граница на дозволена висина согласно буџетското работење.

На денешната седница, министрите меѓу другото ги усвоија и Извештаите за работа на Националниот координативен центар за гранично управување, на Националниот совет за информациски и комуникациски технологии за, како и на Државниот управен инспекторат за спроведени инспекциски надзори над спроведување на одредбите од Законот за административни службеници за минатата година.

На оваа седница беше разгледана и усвоена и Информацијата за статусот на проектот за изградба на железничка делница Крива Паланка-граница со Република Бугарија од Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020 година.

На 32-та седница, Владата го разгледа и усвои Извештајот за реализираните активности и извршени преговори за текстот на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави на владино ниво за безбедносните мерки за заштита на класифицираните информации.

Во рамки на 32-та седница беше разгледана и усвоена и Информацијата за извршени инспекциски надзори на 30 и 31 март 2020 година.