Преговарачките тимови од власта и опозицијата до крајот на неделава ќе седнат повторно на заедничка маса, откако денес ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за правда ќе ги достави пакет предлозите за кои треба да дебатираат на средбата.
Трансферот на обвинителите од СЈО во државното обвинителство е клучната забелешка на ВМРО ДПМНЕ за која очекуваат компромисно решение со владините претставници. Кај опозицијата има оптимизам дека овојпат ќе најдат заеднички јазик, и велат дека нема да отстапат од нивните барања.
Од власта пак тврдат дека не станува збор за апсолутен трансфер на специјалните јавни обвинители, туку ќе имаат можност да конкурираат обвинители кои ги исполнуваат условите според новиот закон. Надеж дека до распуштање на Собранието велат дека има, но исходот велат дека зависи од ВМРО ДПМНЕ.
Втората опција на власта и понатаму останува потрага по гласови од останатите пратеници од опозицијата. Од независната група на ВМРО ДПМНЕ се уште не откриваат дали ќе дадат зелено светло за овој закон. Причина за обновување на преговорите е неодамнешната порака од еврокомесарот Вархеји кој рече дека приоритет на земјава пред распуштањето на собранието треба да биде донесувањето на законот за ЈО.