ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува утре на дебатата на собраниската седница за изборот на новата Влада на мандатарот Зоран Заев и како што изјави денеска на прес-конференција партискиот портпарол Димче Арсовски ќе гласа „против“.
-Апсолутно дека ќе учествуваме и ќе гласаме против. Во таа дебата во која ќе учествуваме имаме илјадници, илјадници причини каде што ќе дебатираме за старо новите кадри, криминални кадри на СДСМ кои што се исполнети со криминални афери, со непотизам и со ред други афери и скандали кои што ги следеа изминатите неколку години. Така да оваа влада која што ја предложи Зоран Заев како старо нова влада на СДСМ е крајно криминална, корумпирана и со низа скандали. Ние имаме апсолутно причина да дебатираме во собранието и да ги изнесеме сите ние аргументи зошто не треба оваа влада да биде на чело на државата, и зошто овие министри не треба да бидат министри во оваа држава, изјави Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со тоа дали неговата партија ќе се откаже од потпретседателското место во Собранието, Арсовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ јавно се изјаснила дека ниту прифаќа, ниту пак ќе предложи потпретседател на Собранието.
-За ваквиот чекор кој што го правиме има две причини. Првата е дека има толку многу потпретседателе и економски е неоправдано затоа што се трошат парите на граѓаните, втората станува збор за позиција која што е измислена од страна на СДСМ и Зоран Заев само за да може да тргуваат со функции, вели Арсовски.
Во врска со барањата на Иницијативниот одбор за вонреден конгрес и смена на ,Христијан Мицкоски Арсовски рече дека Мицкоски и е во партијата со своите секојдневни редовни обврски, кои што ги обавува како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на повиците за вонреден конгрес, рече дека веќе дале одговор на тоа прашање и дека не сака да се повторуваат.
За вчерашната објава на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Весна Дамчевска Илиевска дека и доаѓале луѓе на нејзината врата и се заканувале и дека е мета на говор на омраза и напади поради тоа што пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ побара вонреден конгрес заедно со групата од Иницијативниот одбор, Арсовски рече дека е монтажа и конструкција, „која што е дел од ново промовираната коалиција помеѓу иницијаторите и Зоран Заев“.