-Оливер Спасовски го претвори МВР во дувло на криминалот и негов заштитник. Три години Спасовски ја парализираше полицијата, ги деградираше полициските службеници, а во државата владееше беззаконие, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ во најновото соопштение.

Секојдневно на површина се редат скандалите, матните набавки и зделки, тесните врски на Спасовски и Заев со криминалното подземје, а вчера изби уште еден скандал за сериозни прекршувања на процедурите и нови индиции за злоупотреба на службената положба.

Во крајно сомнителна постапка, Спасовски потрошил 15 милиони денари, пари на граѓаните на Република Македонија за набавка на 3.000 чизми со сомнителен квалитет кои не ги задоволувале стандардите на МВР по 4 критериуми.

Иако  фирмата која ја добила набавката не ги задоволува барањата од техничката спецификација на МВР и не ги почитувала роковите, Спасовски ниту го раскинал договорот, ниту ја активирал банкарската гаранција туку дозволил целата процедура да продолжи понатаму.

Согласно Законот за јавни набавки Спасовски бил должен да го раскине договорот и да ја активира банкарската гаранција, тој одлучил да ги чека чизмите и покрај сериозните забелешки, пропусти и отстапувања, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.