Нема крај на лагите што се пласираат од белиот дворец кои се резултат на очајноста и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ во врска со пресконференцијата на портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски кој обвини дека компанија на доскорашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, добила тендер за електрична енергија од министерството за одбрана.

ВМРО-ДПМНЕ денес изнесе тенденциозни невистини и лажни вести кои немаат врска со реалноста, а преку кои се обидува да ја манипулира јавноста, во врска со јавната набавка за снабдување со електрична енергија на Министерството за одбрана, порачуваат од СДСМ.

Министерството за одбрана, денеска изјави дека на огласот се пријавиле четири фирми, кои учествувале на електронска аукција, во која значително е намалена цената.

Од првичните понуди кои изнесуваа меѓу 95 и 116 милиони денари, конкуренцијата ја намали цената на 77,7 милиони денари и обезбеди заштеда на Министерството за одбрана од околу 18 милиони денари.

Според јавно објавените информации од Министерството, најниска цена понудила компанијата ЕДС, компанија во која одамна сопственик не е Кочо Анѓушев, факт кој  лесно може да се провери во Централен регистар.

“Вистина е дека ВМРО-ДПМНЕ нема идеја ниту програма и се обидува со ширење тенденциозни лаги да собере политички поени. Но граѓаните знаат дека местењето тендери е специјалност на оние во белиот дворец и затоа и по 12 април ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција” велат од владеачката СДСМ.