Лекарите, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во здравствениот сектор ќе добијат повисоки плати во март, потврди денес заменик-министерката за здравство, Маја Манолева.
„Во март, во согласност со Законот за минималната плата, ќе има усогласување на минималната плата не само на здравствените работници туку и на сите други, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во здравствениот сектор“, рече заменик-министерката Манолева по посетата на вакциналниот пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“.
Здравствените работници изминативе години излегоа на неколку протести за поголеми плати, а Владата, предводена од СДСМ, постојано нагласуваше дека направила најголемо покачување на платите во здравството досега. Во октомври минатата година, токму преку протест, синдикатите издејствуваа покачување на платите на медицинските сестри од 3.000 денари и 2.000 за лекарите.