Зголемен е бројот на граѓани, кои со симптоми бараат тестирање за коронавирусот во штипскиот Центар за јавно здравје. Деновиве на пунктот се тестираат околу 40 граѓани. Директорката на Центар за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека доминира помладата популација и од 184 активни случаи во Штип, над 70 отсто се на возраст од 20 до 35 години. Забележува дека согласно анкетите, вирусот се раширил за време на новогодишните празници, кога младите се групирале во затворен простор.

Во текот на минатата недела кај нив се пријавени 10 случаи на грип, додека оваа недела немаат пријави. Посочи дека епидемиолог од Центарот за јавно здравје апелира до матичните лекари, но и до надлежните во Клиничка болница да ги пријавуваат случаите со грип. Во моментов циркулира инфлуенца тип А.

Во штипскиот Ковид центар хоспитализирани се 25 пациенти, а во изминатите 24 часа имале пет нови приеми. На кислородна поддршка се вкупно 17 пациенти, а  во дневната амбуланта имале 40 прегледи. На инфективното одделение има 25 слободни болнички кревети.