Во вчерашниот текст со наслов “Партиските лидери во самоизолација”, за online изданието на весникот “Нова Македонија”, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говори за тоа дека ги почитувал мерките за заштита и не се изложувал непотребно на контакти со луѓе.

– Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја иницирав и учествував во кампањата #ЗатоаШтоСекојЖивотВреди, за подигнување на свеста кај народот за почитување на мерките од СЗО за заштита од коронавирусот, а секојдневно давам и личен пример. Ги почитувам мерките за заштитата на моето семејство, на моите соработници и не се изложувам непотребно на контакти со луѓе. Ги почитуваме мерките, а како што знаете баравме и многу поригорозни мерки за заштита. Да, сето тоа влијае на работната динамика, која повеќе се темели на посредна електронска комуникација, онолку колку што тоа го дозволуваат темите. Но почитувањето на мерките не ја намалува грижата – вели Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Еден ден потоа, на интернет порталите е објавено видео во кое се гледа како Мицкоски излегува од теретана. Да потенцираме, со одлука на Влада, теретаните, заедно со рестораните, кафулињата и кладилниците се затворени од 14 март.

Бројни се коментарите на јавноста низ социјалните мрежи кои не го одобруваат овој потег на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајки дека за него препораките не важат.

Ако кај нас во непочитување на мерките беше фатен Мицкоски, во Америка на ист начин вчера е уловена и познатата пејачка Џенифер Лопез.

Тамошните медиуми објавија фотографии на кои се гледа како Лопез заедно со нејзиниот свршеник Алекс Родригез се фатени на излегување од центарот за спорт и рекреација во Мајами.

– Браво! Вие сте вистински пример за одговорно однесување! Кој дел од зборовите „карантин“ и „самоизолација“ не сте го разбрале? Не ви беше добра приватната сала со поглед на океанот? Вие не треба да имате таков дом ?! Ги вадите сите од памет! – се дел од критиките на социјалните мрежи.

Иако многу познати ѕвезди се придржуваат кон препораките, за познатата пејачка се чини дека овој натпис не важи, како што очигледно не важат и препораките за лидерот на опозициската партија во нашата држава, Христијан Мицкоски, кој дури и бара воведување на построги мерки.

Невиден апсурд.

Ако тој не ги почитува сегашните, со кое право бара уште построги мерки?!

Наместо да биде пример за останатите граѓани, Мицкоски се однесува непримерно во време кога е потребно зголемување на одговорноста кај секој од нас.