Бејрут вчера се соочи со експлозија каква не памети, според тамошните власти настанот потсетува на трагедија од рангот на Хирошима и Нагасаки. Експлозијата била моќна како земјотрес.

Либанскиот народ не памети ваква трагедија во која животот досега го изгубија најмалку 100 лица, а над 4 000 се повредени. Уште колку луѓе се заробени под урнатините останува допрва да видиме.

Причините за експлозијата во пристанишниот дел на Бејрут исто така остануваат непознаница, а се движат од терористички акти, па сè до несреќен случај, односно експлозија на високо запаливи материи кои биле складирани во магацини.

Последна информација за можната причина се наведува експлозија на многу реактивниот хемиски амониум нитрат кој бил чуван во еден од магацините во тој дел од градот необезбеден веќе шест години иако ниту една информација не е официјално потврдена.

Она што е познато е дека луѓето се во паника и шок, болниците се преполни, насекаде е хаос.

Во меѓувреме Либан прогласи вонредна состојба и тридневна жалост.

На социјалната мрежа Твитер се појави и видео на кое се гледа моментот на експлозијата и реакцијата на еден татко кој панично се обидува да го заштити својот син.