Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференцијата на која беше најавен почетокот на денешната масовна имунизација во Србија, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека вакцините за Северна Македонија се пријателски и братски потег и дека Србија може да биде задоволна само ако и соседите се задоволни, јави дописникот на МИА од Белград.

-Разговаравме со Северна Македонија во рамките на т.н. мини Шенген. Би сакал да констатирам дека нема ништо да ни вреди сите нас да бидеме здрави, а луѓето во соседството да имаат безброј проблеми. Ние можеме да бидеме среќни само ако и соседите се среќни и задоволни. Секако дека треба да му помогнете на некого кога му е тешко, онолку колку што можеме да помогнеме, ќе помогнеме. На премиерот Зоран Заев кој бараше и се бореше за својата земја да обезбеди нешто и јас мислам дека ова не е само пријателски и братски потег кон народот во Северна Македонија, ова ја покажува и нашата одговорност, дека не живееме во затворен сад, туку дека мора да размислуваме и за нашите комшии, како што сум сигурен дека и тие нас би ни помогнале, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека доколку утре Република Српска и Босна и Херцеговина и Албанија побараат вакцини, дека исто така ќе помогне.