Како што пренесува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во болниците на територија на цела држава во моментов се хоспитализирани 351 лице, што е за 41 отсто повеќе од претходната седмица.

Во период од една седмица за 51 отсто е зголемен и бројот на позитивни од тестирани од ковид-19. Заболените лица се од сите возрасни групи, но најголем скок на заболени е регистриран кај возрасните групи на лица на возраст 30-39 години (27 проценти), 20-29 години (24 проценти) и 40-49 години (17 проценти).

Најмал број на новозаразени е регистриран кај возрасната група 0-9 години (2 проценти).
Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптомите или добивањето позитивен резултат.

Зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата. Бројот на прегледи на дневно ниво во болниците во Скопје понекогаш надминува 100 пациенти, пренесува Институтот за јавно здравје.