Христијан Мицкоски влегува во коалиција со партијата што бараше бришење на името ВМРО од опозициската ДПМНЕ и негова законска заштита и забрана за користење од било која политичка партија, фирма или невладина организација поради негова злоупотреба во дневно-политички цели, по локалните избори желбата за власт очигледно ги брише сите политички идеали.

Оние кои немале прилика да ја прочитаат програмата на Левица во предизборниот период или да присуствуваат на некоја од средбите со граѓани што ги имаше партијата во периодот на кампања и да ги слушнат определбите од нејзините членови, можеби и ќе се изненадат од содржинските делови особено во делот посветен на Политичкиот систем и администрацијата каде Левица ветува: „поништување на т.н. Преспански договор и бришење на погрдниот назив „Северна“ од Уставот.

Укинување на Охридскиот рамковен договор како извор на консоцијалниот (сегрегирачки) етничко-трибалистички карактер на политичкиот систем на Македонија и враќање на чисто мнозинскиот карактер, со практикување на демократијата како стандард за современите демократски заедници“ Преспанскиот договор Левица го третира и во делот за надворешната политика.

-Поништување на т.н. Преспански договор со Грција и на криминалните илегални уставни амандмани произлезени од истиот (поради непочитување на правото на самоопределување);

Ревидирање на Договорот за добрососедство со Бугарија, поради историски ревизионизам и рехабилитација на фашизмот;

Отповикување на признавањето на Косово, Израел и Јужна Кореја;

Издигнување на билатералните односи со НР Кина на ниво на стратешко партнерство, со фокус на инфраструктурно поврзување;

Признавање на независноста на Палестина, Каталонија и Баскија“, се вели во дел од програмата на „Левица“.

Во делот од програмата, посветен на Меѓународните односи и организации, Левица се залага за „Итно отчленување од НАТО- пактот, поради непочитување на уставната процедура за влез во воен „сојуз“ со други држави, како и непочитување на волјата на народот изразена на Референдумот од 2018 година“.

Останува нејасно како албанските партии Беса и Алијанса/Алтернатива замижуваат на барањата на Левица за поништување на двојазичноста, како резултат на октроираната т.н. Тиранска платформа, и враќање на јазичните права на малцинствата во рамки на Уставот; укинување на „правичната застапеност“ и позитивната дискриминација по етничка основа и нејзина замена со позитивна дискриминација по социјална основа“.

Дополнително, во делот од програмата посветен за Обвинителство, Левица ветува „процесуирање на незастарливите т.н. Хашки случаи од 2001 година („Мавровски работници“, „Водството на ОНА“ и др.), како најтешки кривични дела извршени против човечноста и меѓународното хуманитарно право, како и „кривичен прогон против сите учесници во илегалната и шверцерска промена на уставното име Република Македонија (премиер, министер за надворешни работи, пратеници, обвинители, судии, новинари, активисти и др.)