Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, рече дека Белград и Скопје ќе се поврзат со новиот воз „Соко“ кои неодамна го доби Србија.
Весиќ го претстави новиот брз воз за кој истакна дека е најмодерниот воз во Европа, со кој од Белград до Ниш ќе се оди за помалку од 100 минути, од Белград до Скопје ќе се патува за два часа, а планот е во иднина „Соко“ да сообраќа и до Солун.

Весиќ не прецизира кога Македонија и Србија железнички ќе се поврзат со ваков воз.

Горан Весиќ на видеото објавено на „Тик-ток“, додаде дека од Белград до Будимпешта ќе се оди за три часа, бидејќи ќе вози со 200 километри на час.

– Дали знаевте дека наскоро ќе можете да стигнете до Будимпешта за помалку од три часа со овој брз воз. Јас сум во најновиот брз воз што ќе сообраќа од Белград до Будимпешта. Ова е најмодерниот воз во Европа и ќе оди со брзина од 200 километри на час кога ќе тргнете од Белград во Будимпешта, вели Весиќ.

Весиќ додаде дека ова се најмодерните возови во Европа, а се единствени поради можноста да се движат по пругата и кога нема струја.

– Има литиумски батерии и ако снема струја може да вози 10 километри со брзина од 30 км/ч , рече Весиќ.