Марјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации на гостувањето во емисијата „Еуро фокус“ на телевизија Телма зборуваше и за тоа дека воведениот полициски час во текот на целиот викенд нема да значи прекршување на слободите и правата на граѓаните.

„Доаѓам од Влада која нема намера да ускратува слободи на граѓаните, туку има намера да го штити нивното здравје. Ние имаме системи за транспаретност, така е и сега во време на вонредна состојба. Постојано сме во комуникација со медиумите, имаме нова страница за корона вирусот, имаме пресови, соопштенија…. На ниво на цела Европа, има држави кои воведоа целосна забрана за движење, освен одење во продавница. Кај нас мерките одат постепено. Нашиот полициски час е раширен овој викенд на подолго. Целта не е да го забраниме движењето, туку ширењето на вирусот. Стравувања кај нас не треба да има дека ќе биде загрозена нечија слобода. Имаме начин како да обезедиме алтернативно функционирање, без да се загрозат основните човекови права“ изјави Забрчанец.

Тој дополни дека има опозиција во владата која е контролен механизам, има медиуми кои постојано ја следат работата на институциите, има интернет медиуми, социјални медиуми, и сите тие ја следат работата на владата.

„Ние сме во ситуација кога не функционира парламентот. Затоа мораме да одиме со уредби со законска сила. Вонредната состојба е воведена од страна на претседателот. Но, во вонредната состојба ние постепено воведуваме мерки и забрани, и тоа зависи од одењето кон пикот на вирусот. Но, полека одиме натаму да се укинат мерките и забраните“ изјави Забрчанец.