Мерките на Владата се јасни. И апелирам уште еднаш уште посериозно настапување на Пазарната инспекција, УЈП и сите соодветни инспекции да ја напрват контролата до крај. Угостителските објекти задолжително мора да бидат затворени, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција.

Прашан што мисли за воведување полициски час, Заев одговори дека со поставување на првиот полициски час од 21:00 до 6:00 часот е поставена првата мерка и најави дека ќе се носат уште одлуки во иднина.

– Со поставување на првиот полициски час од 21:00 до 6:00 часот е поставена првата мерка. Ќе ги видиме своите капацитети, и на полиција и на сите задиолжени во тој дел, а пред се и на граѓаните за понатаму тоа да се проширува, рече Заев.

Препорака до Владата, како што рече, е сите стари лица, лицата со попреченост и бремени жени да имаат приоритет и можност да одат во банки, аптеки, маркети од 7 до 9 часот наутро. Додаде дека МЗ и министерот Филипче веќе им препорачуваат на повозрасните граѓани да се ограничи нивното движење од 6 до 10 часот, а потоа за нив дополнително да важи полицискиот час. Верува дека ќе се испорачаат мерки и за младите.

-Мерките мора да бидат усогласени со сите други аспекти на општественото живеење. Некој мора да продава лекови за граѓаните да имаат лекови, некој мора да продава леб. Компаниите кои работат во втора и трета смена ќе добијат работен налог, дозвола за да можат да се движат нивните вработени. Транспортерите исто така добиваат потврда дури и за време на полицискиот час да може да ги транпортираат слободно граѓаните и добрата на територија на цела држава, појасни Заев.

Апелираше граѓаните да и веруваат на Владата и на владините институции, а се она што се предлага, подвлече, е на основа на експерти и на стручни луѓе.

– Работиме професинално, а довербата во институциите мора да ни биде на високо ниво, потенцира Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека штом е воведен полициски час значи дека граѓаните не се придружуваат до сите мерки.

– Апелирам до сите да се придружуваме комплетно до сите мерки. Чувајќи го своето здравје, го чуваме здравјето на сите околу нас. И само трака е исправно. Дополнителни мерки ќе има, посочи Заев.