Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој ја извршува оваа функција од 2013 година, во три мандати, најави дека за вторник ќе закаже седница на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, каде што, како што најави, ќе ја поднесе оставката на партиската функција.

Иако најави дека ќе се избира и нова Влада, со нов мандатар, Заев не потврди дека негов наследник ќе биде Димитар Ковачевски, кој го придружуваше на денешната средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Идниот лидер, според Заев, би требало да биде и идниот мандатар кој ќе ја состави новата влада.

– Органите и телата на партијата ќе го кажат тоа. СДСМ нема донесено одлука. Мојот личен став од досегашното искуство и минатото во нашата држава кога еден човек бил премиер, а друг претседател на владејачка партија, е дека лидерот на партијата треба да биде и мандатар затоа што во тој случај и одговорноста и легитимитетот е комплетен, рече Заев.

Нагласи дека останува на неговата јавна објава за оставка и од функцијата претседател на Владата и лидер на партија и дека ќе ги депонира оставките до надлежните институции веднаш штом биде осигурно парламентарното мнозинство.

-Ако се гледа како се поставките по Устав, до 14 декември не се стига за изборот на нова влада и нов мандатар. Логично е СДСМ да го искористи овој период и да го избере својот претседател. Затоа ќе побарам од органите и телата на партијата да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира мојата оставка и веднаш да почне постапката за избор на нов претседател на партијата. Зборот е збор и ќе се радувам да дочекам ваква големина и даден збор од други политичари. Ако се успее во целиот овој период, а верувам дека може, СДСМ да има избрано претседател тој би требало да биде идниот мандатар односно да предложи нова Влада. Кога имате нов мандатар, треба да имате и нова влада, а не реконструкција на влада. Органите и телата на партијата ќе го кажат тоа. СДСМ нема донесено одлука. Мојот личен став од досегашното искуство и минатото во нашата држава кога еден човек бил премиер, а друг претседател на владејачка партија, е дека лидерот на партијата треба да биде и мандатар затоа што во тој случај и одговорноста и легитимитетот е комплетен, рече Заев.

На барање на новинарите да му постават прашања на Ковачевски, Заев рече дека денеска само тој ќе дава изјава, но додаде дека тој е член на Извршниот одбор на СДСМ и претседател на партиската Комисија за финансирање и буџет, како и докажан кадар кој комплетно е подготвен да помогне во денешните разговори.

На прашање што ќе прави Алтернатива доколку реши да влезе во Владата, додека да завршат процедурите во СДСМ за избор на нов лидер кој би бил мандатар, Гаши рече дека Алтернатива не сака да се меша во внатрешните работи на СДСМ како партија.

Од вторник, за кога Заев најави состанок на органите на СДСМ на „Бихаќска“, ќе почне да тече рокот од 15 дена, во кои, според партискиот статут, треба да бидатраспишани внатрепартиски избори за лидер, кога треба да се одреди и датумот за нивно одржување.