“Само Груевски е поголем финансиер на Мицковски од Орце Камчев” – вака поранешниот премиер Зоран Заев во денешниот дуел со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во “Отворено студио” на 24 телевизија, го коментираше случајот “Рекет” и категорично отфрли каква било конекција со случајот бидејќи тој лично бил пријавителот на случајот, за разлика од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога функционерите ги заташкувале случаите и ги опструирале како што е улогата на Мицкоски во случајот “Империја”.

“Спомнувајќи го “Рекет” и “Поткуп” сето тоа што го знаеме во тој период е дека блокирањето на Законот за јавно обвинителство било исклучиво заради “Империја”, заради пусти пари. И сега веќе согледавме дека се работи за добро осмислен, организиран поткуп поддржан и од господинот Мицкоски кој требало да се спроведе преку Орце Камчев, Зоран Кичеец, Катица Јанева и Боки 13. Се работело само за пусти пари, за финансирање на кампањата, за парите за партијата и сл. Можеби и за лични пари. Но, јас ќе го разберев тоа блокирање на најважниот закон за правосудството, Законот за јавно обвинителство, доколку борбата била да се спасат луѓето кои ги изманипулираа и денеска се веќе осудени за настаните од 27 април или за кои било други граѓани коишто се борат во судските лавиринти. Но заради пари, заради кампања, заради партија, да го правите тоа, е тоа не можам да го разберам.

Затоа не може господинот Мицкоски да држи предавања за владеење на правото со судии поставени во нивно време и целосно под нивна контрола. Правеле се’ само заради личен интерес и заради пари. Никакви идеали, каква правда и правна држава?! Tоа е истотo “сваровски” судство од времето на Груевски, единствени судии што се избраа се од редовите на судиите и стручните соработници. Ниту има промени во кадровскиот потенцијал на судството, ниту можевме тоа да го направиме, притоа во такви околности единствени идеали на опозицијата се парите и моќта, ништо друго” – истакна Заев.