Чувајте го и развивајте го „Отворен Балкан“, им порача премиерот Зоран Заев на српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама на неговиот последен ден на премиерската функција кога учествува на седмиот самит во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана.

„Чувајте го и развивајте го ’Отворен Балкан‘. Денеска сите видоа дека и мојот наследник Димитар Ковачевски, кој е овде со нас, подеднакво ќе биде посветен на овој процес, а лично верувам дека ќе биде прекрасно плус освежување и забрзување на практичната реализација на сите придобивки за граѓаните на сите три земји и воопшто на Балканот“,

рече Заев на заедничката прес-конференцијата со Вучиќ и Рама.

Ова, рече Заев, веројатно е негово последно обраќање во јавноста за оваа иницијатива од функцијата премиер со оглед дека утре ќе ја поднесе оставката до Собранието.

„Во последниот ден од мојот ангажман како премиер огромни се и честа и задоволството што уште еднаш директно учествувам во остварувањето на благородната мисија ’Отворен Балкан‘. Уште на почетокот на оваа иницијатива, јас и моите колеги и браќа – Вучиќ и Рама, нагласивме дека ’Отворен Балкан‘ е проект инициран од трите земји, но создаден за благосостојба на целиот регион. Сите имаат отворена јавна и недвосмислена покана да ни се придружат“, рече Заев повикувајќи ги Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да се приклучат.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така, се осврна на заминувањето на Заев – му се заблагодари за големиот придонес во иницијатива и му посака добре дојде на Ковачевски.

Во своето обраќање, премиерот во заминување порача и дека регионот мора да се европеизира, без разлика дали Брисел ќе го забави проширувањето на ЕУ или не.

„’Отворен Балкан‘ е силен придонес кон големите идеи и вредности. Кога ЕУ потфрла ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои ги европеизираат регионот. Брисел може да одлучи да ги забави проширувањата, но европеизацијата во Скопје, Белград и Тирана нема зошто да чека и да биде забавувана“, порача Заев.

„Отворен Балкан“, нагласи тој, не е замена за ЕУ туку е засилувач на европската идеја на Балканот, а за иницијатива рече дека поддршка даваат и САД, а сѐ погласна е поддршката и од земјите членки на ЕУ. Денеска, пак, потсети премиерот, поддршката е видлива и со самото учество на самитот од страна на претставници на Унијата.