На линија на ММФ, и Владата во однос на економските движења за наредната година очекува вработеноста постепено да закрепнува, додека високиот раст на платите, зголемените дознаки и користењето дел од кумулираните заштеди да влијаат врз зголемувањето на расположливиот приход. Фокусот е насочен кон економскиот раст во државата и подобрување на животниот стандард, напиша премиерот Зоран Заев на „Фејсбук”.

– Меѓународниот монетарен фонд во последната изјава ги поздрави економските мерки и политики на Владата кои помогнаа да се задржи вработеноста и да се ублажи влијанието на пандемијата врз економијата, вели Заев, набројувајќи ги суштинските поенти од изјавата на ММФ.

Посочува дека Владата во консултација со сите релевантни чинители во државата донела мерки за граѓаните и стопанството со цел да се задржи ликвидноста и да се зачуваат работните места.