Добивме потврда дека храбрите чекори се вреднувани, дека успехот дома високо се цени и надвор, во интервју за Дојче веле, вели лидерот на СДСМ, по одлуката ЕУ да почне преговори со Северна Македонија.
Веста дека ЕУ ги отвора пристапните преговори со Северна Македонија, во некои други околности најверојатно ќе беше одбележана сосема поинаку. Но, пандемијата со коронвирусот ја смести оваа значајна вест во симболична минутажа пред обемните информации за здравствените биланси и новите мерки за заштита. Лидерот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, чиј мандат беше одбележан со најкрупните историски одлуки за деблокирање на интеграциските процеси на земјата, веста од Брисел ја дочекал работејќи на предлози за надминување на економските последици од актуелната криза.
– Историската вест ме затекна во седиштето на партијата, во мојот кабинет, каде најчесто го минувам работниот дел од денот во овој период, конкретно во разговор за мерките и решенијата што треба да се преземат во надминување на последиците врз економијата предизвикани од кризата со коронавирусот, и за заштита на здравјето на граѓаните.
ДВ: Разочарувањето од октомврискиот самит беше повод да се заложите за проверка на довербата на предвремени избори, и се повлековте од премиерската функција. Заради пандемијата со коронавирусот изборите се одложија. Како се чувствувате денес, по таквиот неверојатен сплет на екстерни околности, а по кои признанието за Северна Македонија сепак стигна?
-Иако е тешко време, се бориме со короновирусот, како и мнозинството граѓани на Република Северна Македонија денеска се чувствувам гордо и исполнето. Има на што да бидеме горди, сите наши граѓани можат да бидат горди. Конечно го остваруваме она што генерации пред нас го сонуваа и го посакуваа, она што нашата генерација со децении го очекуваше. Ова е верификација на државничките политики во изминатите 2,5 години со кои од „заробена држава“ станавме „светол пример“. Покажавме дека сме еднакви со Европа, еднакви со развиениот западен свет. Потврда дека храбрите чекори што ги презедовме се вреднувани и препознаени, дека успехот што го постигнавме дома, високо се цени и надвор.
По влезот во НАТО, за само две и пол години, ја реализираме и втората стратегиска цел – интеграцијата во ЕУ. Тоа е историски, државнички успех и затоа им честитам на граѓаните и се заблагодарувам на поддршката. Завршивме голема работа, обезбедена е сигурна и подобра иднината за нашата татковина, за сите наши граѓани. Поставени се темелите за подобар живот на сегашните и идните генерации. Тргнавме напред и враќање назад веќе нема!
ДВ: Го понесовте најголемиот товар во време на бројни опструкции и на внатрешен план. Кога ќе се сетите на сите моменти во изминатите две и пол години, кои ви беа најтешки при трасирањето на патот до интеграциските цели?
-Точно е дека имавме опструкции од опозицијата во изминатите 2,5 години и целосно отсуство на државничко чувство, не беа дел од важни процеси за иднината на земјата но не би сакал во овие моменти да зборувам за тоа. Граѓаните знаат се, и ценат кој работи за државата, а кој нема став и манипулира. Секако, имаше моменти кога некои не веруваа дека ова е можно да го постигнеме, кои беа скептици дека за кусо време ќе седиме на иста маса со земјите членки на НАТО и дека нашето знаме ќе се вее пред седиштето во Брисел. Имаше бројни предизвици и во самите разговори при решавањето на отворените прашања. Сепак, најтежок момент за мене беше историската грешка, кога Унијата во октомври не ги отвори вратите за нас, иако имавме исполнето се што требаше и бевме „светол пример“. Многумина беа убедени дека вратите на Унијата за нас засекогаш ќе бидат затворени. Не беше лесно во тие моменти да се одржи вербата, да се остане посветен на процесот, да се продолжи напред.
Но, кога интересот на државата ти е водилка, и кога си решен да продолжиш затоа што иднината на државата е во прашање, успехот е тука. Еве денеска тоа го гледаме, неколку месеци подоцна се потврди историскиот успех. Ние сторивме се што требаше, ги исполнивме сите услови и ете конечно сега, кога и Унијата е подготвена, започнуваме преговори за полноправно членство, целосно подготвени за отворање на првите поглавја и за процесот што значи трансформација на целото наше општество.
Целото интервју прочитајте го на следниов ЛИНК.