Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју во дневникот на Јавниот сервис изјави дека предвремени парламентарни избори нема да има, и дека следните ќе се одржат во 2024 година.

„Тесното мнозинство ја држи Владата будна. Сметам дека време е да одработиме до крај, така што следните парламентарни избори би биле во 2024 година, одговори претседателот Заев на прашањето дали со локалните се можни и предвремени парламентарни избори.

„После сериозни процеси, како што беа уставните измени, новата методологија на ЕУ, ние излеговме на избори за да провериме дали имаме поддршка од граѓаните, дали одиме по добар пат. Граѓаните одлучија дека сме на добар пат и тоа е доволно, имаме мандат 4 години. Северна Македонија пати од предвремени избори. Еднаш треба да одработиме цел мандат за да ги видиме резултатите од Влада со мандат од 4 години. Предвремени избори имаат влијание врз економијата, тоа значи заостанување. А, сите тие договори од Преспа, со Бугарија се за економија, за работни места и избор, повисок БДП, Европа да ја донесеме дома“, потенцираше претседателот Заев.