Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.

На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од КОВИД-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.

„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“, нагласи претседателот на Владата Заев.
инистерот за здравство д-р Венко Филипче во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.

„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа повторно нов ден пред нас…“, рече Филипче во своето обраќање.

Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.

„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста, и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие, не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно, и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите. Светската пандемија наметна ново темпо на работа, а во неа здравствените работници немаат работно време“, истакна министерот Филипче.