Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска прими делегација од претставници на владини институции коишто се вклучени во работните групи кои во изминатиот период работеа на подготовката на договорите и меморандумите коишто во рамките на „Отворен Балкан“ е предвидено да бидат потпишани на претстојниот состанок на лидерите на иницијативата во Тирана на 22 декември.

Експерти, раководни лица, високи државни службеници и познавачи на специфичните области од Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, од Министерството за надворешни работи, од Министерството за внатрешни работи, од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Секретаријатот за европски прашања како и од Царинската управа, Агенцијата за вработување, од Агенцијата за храна и ветеринарство и од други институции, учествуваа во работата заедно со нивните колеги од Албанија и Србија и во рокот којшто беше предвиден ги подготвија трите значајни договори за унапредување на регионалната соработка.

На средбата, премиерот Заев истакна дека со Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, со Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и со Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбеднoст на храна и фитосанитарната политика, се овозможува слободен пристап до пазарот на трудот на граѓаните од трите земји, како и олеснување на увозот, транзитот и извозот меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.

Премиерот Заев во свое име и во име на Владата ја изрази благодарноста за нивниот влог во овој значаен проект за нашите и за граѓаните од регионот, со што се прават првите конкретни чекори за придобивки од поврзувањето на Западен Балкан.