Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на пригодна свеченост во рамките на програмата за одбележување на 30 годишнината од независноста, на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание од 1991 до 1994 година им додели плакети со благодарност како израз на длабоката почит за нивниот исклучителен придонес во создавањето и развојот на нашата независна и суверена држава.

Во своето обраќање на свеченоста, премиерот Заев истакна дека благодарницата е признание и за Декларацијата за самостојност, за одлуката за распишување на Референдумот, за воведувањето на плурализмот, за воспоставувањето на новите демократски институции, за изборот на првата демократска Влада, за првиот Устав на независната држава и за севкупната посветеност на изградбата на нашата заедничка татковина.

„17-ти ноември 1991 година како ден кога беше усвоен Уставот на Република Македонија има посебно место во временската линија на развојот на нашата државност. Тој ден со златни букви ја испишува страницата од нашата историја за да се запамети дека во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност на 8 септември, откако претходно беше усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на државата“, нагласи претседателот на Владата Заев.

Тој додаде дека тие, пратениците, врз основа на декларациите што му претходеа на референдумот и на првиот Устав на независна Република Македонија, оние за суверенитетот на земјата, за независноста и за меѓународното признавање, усвоија Устав кој ја дефинираше Република Македонија како независна држава, чиј суверенитет потекнува од граѓаните и ним им припаѓа.

„Вие, пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание сте креаторите на новата демократска и социјална држава којашто беше основана врз начелата на парламентарната демократија, на поделбата и независноста на трите власти, на владеењето на правото, на пазарната економија и на неприкосновеноста на приватната сопственост. Според сите стандарди на современите демократски држави“, рече премиерот Заев на настанот во Свечената сала на Владата.

Заев рече дека историјата запиша, а граѓаните ќе паметат, дека пратениците од првиот мандат на плуралното Собрание од 1991 до 1994 година учествуваа и во креирањето и донесувањето на сите останати неопходни државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

„Во Вашиот мандат, во мандатот на пратениците од првиот пратенички состав, покрај референдумот за независност и првиот Устав на независна Република Македонија, беа утврдени и државната химна и знаме како темелни обележја на независната и суверена македонска држава. Во трите декади што следеа по овој историски настан, Уставот на Република Северна Македонија, беше дополнет со амандмани уште во осум наврати за да бидат вградени сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на домашното и меѓународното право“, истакна премиерот Заев.