Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со федералниот министер за надворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт.

На состанокот, како што соопшти Владата, е нагласен и поздравен посебниот придонес на премиерот Заев во стабилноста на нашата држава и на регионот. Исто така е истакната силната поддршка од Република Австрија за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и конкретно за почеток на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија во декември годинава. Изразен е и голем интерес од австриска страна за нови инвестиции во државава.

Премиерот Заев се заблагодари за големата, пријателска, принципиелна поддршка од Австрија, како еден од најголемите поддржувачи на евроатлантските перспективи на Северна Македонија и меѓу најголемите инвеститори во државава, но и за покажаната солидарност во време на пандемијата.

-Сработивме на реформски план, покажавме лидерство во решавањето на добрососедските односи низ дијалог, пример сме во регионот за функционално мултиетничко општество едно и еднакво за сите и очекуваме од Европската Унија да го испорача ветеното и во најскоро време да ги почнеме преговорите со ЕУ, рече премиерот Заев.

Премиерот, во таа насока, ги објасни и поволностите и поддршката што ја имаат инвеститорите од државата. Претставниците од бизнис делегацијата изразија посебно интерес за можни инвестиции во енергетиката и посебно во делот на обновливите извори на енергија.