Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во гостувањето на телевизија Здравкин зборуваше за постигнатите резултати во евроинтегративниот процес, успешните проекти кои не водат кон европското семејство и за значењето на реформите кои продолжуваат со несмален интензитет и покрај недобивањето датум за преговори. Во фокусот на одговорите место најдоа и младите, чие заминување од земјата мора да се намали.

„Суштината на нашата политика е што помалку младите да заминуваат, иако тоа е светски тренд. Имаме примери каде што младата популација заминува и од поголеми и поразвиени држави и тој тренд тешко е да се промени. Младите се силата и моторот за развој. Единствено можеме да се обидуваме со политики насочени кон младите да пробаме да се намали интензитетот на иселување, а дел од оние кои заминале да се вратат дома. Во таа смисла мораме да им обезбедиме поквалитетно образование, подобро здравство, кога младите бараат правда да им ја дадеме преку независно правосудство. Филозофијата е едноставна, но мораме да ја реализираме“- коментираше Заев, нагласувајќи дека сите економски параметри покажуваат подобрување на статусот на младите.

Во контекст на подобра економска ситуација Заев наброја неколку од многуте достигнувања на Владата, како зголемена минимална плата за 60 отсто, зголемени пензии, раст на просечната плата со уверување дека одиме кон најавените 500 евра, 60 000 работни места, решен статусот на 12 000 стечајци и ранливи категории, бројки кои значеа пресврт во развојот на државата.

„Најмногу од државата заминуваат лекарите и медицинските сестри. Затоа сега специјалистите во Скопје имаат плата по 120 000 денари, оние во Велес по 90 000 денари. Зголемени се значително капитациите на матичните лекари, на стоматолозите… Сестрите, учителите, негувателките и воспитувачите имаат зголемени плати над 20 отсто. Но, не само платите во јавниот сектор, тие се зголемуваат и во приватниот. Ниту еден не остана без работа, ниту пак некоја фирма се затвори што минималната плата се зголеми толку многу.

Претседателот на СДСМ одговори и на прашњата од меѓународната политика со уверување дека Македонија е извесно дека станува 30-та членка на НАТО, но дека годинава ќе започнат и преговорите со Европската Унија.

„Имаме договор со Бугарија, имаме договор со Грција, тоа не прави лидери во регионот. Ние испорачавме се што можевме и моравме, ние ја исполнивме нашата задача, но не го добивме посакуваниот датум од Брисел. Пред нас имаме неколку самити, заседанија на Унијата и реално е во мај во Загреб ние и официјално да го добиеме датумот, иако не исклучувам дека тоа може да се случи и порано. Веќе е сменет вокабуларот во јавноста, сега зборуваме за раст, за прогрес, за иднина, за остварувања“- изјави Заев на телевизија Здравкин.

На крајот Заев посочи дека по недобивањето датум за преговори, ја застапувал тезата за предвремени избори затоа што така се амортизирале обидите за национализам. Ако не се одело на избори ќе се активирале националистите и ќе удреле по Грција и по Бугарија и само ќе ја загрозеле македонската позиција во ЕУ.