Не очекуваме предвремени парламентарни избори, напротив – до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата, рекол премиерот Зоран Заев на денешниот состанок со федералниот министер за надворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт, соопшти владината прес-служба.

-Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори, напротив – до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата, рекол Заев на средбата со Линхарт иако опозицијата бара брзи предвремени избори што е можно поскоро.

На состанокот, како што соопшти Владата, бил нагласен и поздравен посебниот придонес на премиерот Заев во стабилноста на државата и на регионот. Исто така била истакната силната поддршка од Република Австрија за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и конкретно за почеток на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија во декември годинава. Изразен бил и голем интерес од австриска страна за нови инвестиции во државава.