Немам дилема, Костадин Костадинов ќе биде новиот градоначалник на Струмица, а на чело со Марјан Даскаловски ќе го предводиме и новиот Совет во Општина Струмица, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на Караванот „Најдоброто за мојата општина“.

„Костадин, веќе ни е близок и до нас, го запознавме и како в.д. градоначалник и како портпарол на СДСМ, постојано е на терен, лесно достапен, приземјен, комуникативен, постапува, служи на граѓаните, човек од доверба, чесен, искрен, млад – а веќе домаќин. Тој покажа дека е човек од акција, работлив, вреден, подготвен – запознаен со проблемите, со јасен план и решенија за Најдоброто за струмичани и Струмица“, истакна Заев.

Тој додаде дека Костадин не ги дели луѓето по ниту еден основ – во нашата општина има граѓани од различни етнички и верски припадности и секој може да биде спокоен дека ќе биде еднакво почитуван, слушнат и разбран, без предрасуди и со посветеност, за потребите или идеите што ги има.

„Помеѓу градоначалникот и граѓаните не треба да има посредници или бариери, ќе воведеме дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните, иницијативите од граѓаните ќе бидат прифатени и ќе се разгледуваат преку утврден систем, при што општините ќе бидат обврзани да одговорат на граѓанските иницијативи во рок до 10 дена“, нагласи Заев.

Претседателот Заев му се заблагодари на актуелниот градоначалник Коста Јаневски, кој со успех ја водеше општината, но истакна дека СДСМ предводи во промените – дава шанса на младите, на новата енергија, на желбата и тие на свој, авангарден начин да се вградат во сегашноста и иднината на Република Северна Македонија.

„Повеќе од сигурно е – на 17 октомври ќе се случи ,,по СДСМ – СДСМ – по Коста – Костадин”, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на Караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Струмица.