Сојузот на борците на премиерот Зоран Заев му врачи Повелба за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот и негово издигнување на достоинствено државно ниво.

Истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, премиерот Заев потенцира дека како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното наследство, останува неговата свечена обврска за понатамошна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.

– Гордоста е голема, но честа и денеска да бидам со вас е уште поголема. Уште повеќе, кога во година кога го одбележуваме значајниот јубилеј 80 години од Народното востание и секако 73 години од основањето на Сојузот на борците и сето тоа во рамките на 30- годишнината од независноста на нашата држава. Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење, истакна премиерот Заев во своето обраќање на вчерашната средба со претставниците на Сојузот.

Упатувајќи искрена благодарност, за подвигот и остварувањето на непроценливото дело, односно македонската државност на генерацијата која го оствари вековниот стремеж и сон на многу претходни генерации, Заев на борците и борките и поддржувачите на нивното дело, им порача дека како премиер, секогаш настојувал овие средби да не бидат само формалност и протокол.