„Најголем дел од компаниите кои што влегоа во модерните трендови на стручното образование, дуалното образование се токму германските компании со што навремено реагираме во делот на обезбедување на квалификувана работна сила. Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици на нашето македонско стопанство“, истакна претседателот Зоран Заев пред почеток на панел дискусијата „Шанси, очекувања и предизвици за стопанството во 2020“ во ко-организација со Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.
Претседателот Заев за изјавата за медиуми непосредно пред настанот ја истакна важноста на германското стопанство во домашната економија и одличната соработка во делот на легислативата, флексибилноста на државата и вградувањето на сé повеќе европски теркови на управување со домашната економијата.
„Добрата соработка резултираше во крајот на 2019 година со одлуки на Владата за флексибилните царински мерки, каде што се променија 12 мерки и тарифи кои овозможуваат олеснително, пониско или дури и укинување на одредени царински ставки за да тие пари можат да бидат инвестирани и да донесат дополнителна продукција, работни места, зголемен извоз од страна на компаниите. Од посебна важност е соработката со германските компании, бидејќи 47 % од севкупната трговска размена ја имаме со Германија, што изнесува повеќе од 4 милијарди долари“, рече претседателот Заев.
На дискусијата која имаше за цел разменување мислења и предлози за тоа во кој правец треба да се движи економијата, за предизвиците на инвеститорите и заедничкото делување во изнаоѓање на решенија за унапредување на деловната клима во земјава, претседателот Заев рече дека во делокругот на работењето на преку 200 германски компании во државата со преку 20 илјади вработени, конечната цел е тие да останат мотивирани и да продолжат со своите инвестиции.
На дискусијата се пројавија различни теми од интерес во областа на даночното, регулаторното и трудовото право, односно минималната плата, можноста за членување во СЕПА со што брзите плаќања со ниски давачки дополнително би ја олеснеле трговијата со ЕУ и европската интеграција; воведување на најновите Меѓународни стандарди за финансиско известување; и пониски каматни стапки за зголемување на приватните инвестиции.
Во насока на задржување на младите во државата беше истакнато воспоставувањето на врски помеѓу потребите на пазарот на трудот и образовниот систем, долгорочното планирање и перспектива врз основа на предвидената побарувачка и понуда на пазарот на трудот.
Во областа на енергетиката се подвлече поттикот за обновливи извори на енергија и намалувањето на постројките за јаглен преку имплементација на програми за енергетска ефикасност со цел намалување на потрошувачката и зголемување на инвестициите, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.