Македонскиот премиер Зоран Заев им изрази целосна и безрезервна поддршка на фудбалските репрезентативци кои попладнево ќе дебитираат на Европското првенство.

– Почитувани македонски репрезентативци и членови на стручниот штаб, во пресрет на вашиот прв настап на Европското првенство во фудбал, сакам со вас да ја споделам мојата целосна и безрезервна поддршка.

Со пласманот на #ЕУРО2020 вие веќе ја испишавте најсветлата страница од историјата на македонскиот фудбал, но јас сум убеден дека деновиве ќе испишете и нови успеси. Навиваме за голови, за победа, но пред сѐ навиваме и за овој досегашен македонски успех. Навиваме за ова ваше и наше време!

Велат дека фудбалот е најважната споредна работа на светот, но вие во нашите очи во моментов сте главната работа на светот, најважната македонска иницијатива.

На фудбалските терени покажете и докажете дека една мултиетничка репрезентација, од мултиетничката Северна Македонија, со право е рамноправен дел од мултиетничка Европа.

Покажете повторно дека и најмалите можат да бидат многу големи, кога веруваат во себе и во заедничкиот успех и кога гордо го носат националниот дрес.

Бидете еден за сите, сите за еден и обојте ја Европа во црвено-жолто. Моето срце и срцата на сите македонски граѓани ќе ни бијат во ритамот на вашата игра. Нека е со среќа! – напиша премиерот Заев на Фејсбук.

Македонската фудбалска репрезентација од 18 часот на „Национална арена Букурешт“ се среќава Австрија.