Правиме уште еден исчекор кон унапредување на работничките права и социјалната правда, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук откако во Собранието денеска беа изгласани измените на Законот за работни односи со кои од 1 јануари 2022 недела станува неработен ден односно ден на неделен одмор.

– Со ова законско решение се овозможува воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот. Оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и помотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски. Им честитам на сите работнички и работници. Вие сте столбот на нашата економија и движечка сила на државата, објави претседателот на Владата на својот ФБ-профил.
Во објавата тој посочува дека новиот закон предвидува 50 отсто повисока дневница за работниците ангажирани во дејности кои поради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати; 100 отсто повисока дневница за работа во недела за вработените во трговските центри и 2 отсто
од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови градинки.

Ресорната министерка Јагода Шахпаска на Фејсбук напиша дека од 1 јануари недела ќе биде ден на неделен одмор за 92 отсто од работниците.

Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците – Недела, ден на неделен одмор станува реалност. Работничките и работниците се столбот на нашата економија и движечка сила на државата. Поради тоа остануваат наш приоритет во градењето на идните политики, напиша Шахпаска на својот фејсбук-профил.