Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев смета дека официјална Софија нема да ја попречи евроинтеграцијата на земјава во Европската Унија. Во неговото вечерашно гостување во емисијата „Патот Кон“ на Алсат, тој рече дека проблемот со Бугарија не се однесува ниту на јазикот ниту на народот, туку само околу Гоце Делчев.

„Ќе го решиме и овој проблем, кој во моментов се јавува околу Гоце Делчев, ниту за народ, ниту за јазик, за Гоце Делчев, за добробит на двете страни и на македонската и на бугарската. Уште еднаш напоменувам, не е интерес на Бугарија да ја закочи Северна Македонија во интеграциите во ЕУ… Истовремено, мене ми е драго што и премиерот Борисов и сите функционери не го спорат македонскиот јазик, не го спорат македонскиот народ. Идентитетските прашања се решени“, рече Заев.

Во однос на решението околу Гоце Делчев, Заев изрази убеденост дека тоа ќе биде во интерес на достоинството и на двете земји.