Договорите со Грција и со Бугарија се клучни за напредокот на државата, за промовирање како лидери во регионот, но и како светска пракса дека и големите конфликти може да се решат мирно, со дискусија и компромис, посочи претседателот Зоран Заев во интервјуто за телевизија Клан.

„Без Договорот со Бугарија, а особено без договорот од Преспа, можевме само да сонуваме за ЕУ и за НАТО, додаде тој.

„Бугарија се бори за нас на патот кон Европа и тоа е факт. Јас сум отворен човек и ќе ви кажам дека до пред две- три години ние бевме скарани со сите соседи, ама не уверуваа дека не е до нас, туку до другите држави било. И сега, како наеднаш за две години сите пет соседи ни се одлични пријатели, како државите на Европска Унија наеднаш ни се пријатели? Тоа значи, ако имаме искрена, добронамерна политика можеме да решиме секакви прашања. Со Бугарија ги надминавме сите отворени прашања, ни остана само Гоце Делчев, но го имаме решението и знам дека ќе го спроведеме. На крајот двете држави ќе бидат победнички“- изјави Заев.

За да потврди дека Бугарија ни е вистински пријател илустрираше со настапот на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Европската Унија кога до два часот наутро зборувал и се обидувал да им помогне на Северна Македонија и Албанија. Истото го прави и Грција, која после Преспанскиот договор ни стана уште еден стратешки сојузник.

„Кога јас и Ципрас тргнавме да го решиме спорот не мислевме на нашите политички кариери, туку на иднината на нашите деца. Нас око не ни трепна дали ќе изгубиме на следните избори или ќе бидеме политички мртви, ние сакавме да изградиме цивилизирани односи кои ќе ни го отворат патот кон ЕУ и успеавме во тоа. Можеби спорот ќе се решеше и после 15, 20 години, но тогаш кој знае како ќе се викаше нашата држава и дали воопшто ќе зборувавме за Македонија. Сега имаме ситуација во која имаме и македонски народ и македонски јазик“- заклучи Заев.