Управата за финансиска полиција изврши претрес во дом и други простории во Гевгелија, каде што живее и работи лице осомничено за затајување данок, измама, фалсификување и уништување деловни книги и други дела.

При извршениот претрес во домот на лицето, биле пронајдени и привремено одземени парични средства во вкупен износ од 47.095 евра, 603.000 денари и 250 швајцарски франци, детално опишани со сериски броеви, исто така одземени се 1 лаптоп, 1 десктоп компјутер и 2 мобилни апарати, како и голем број нделовна документација за извршени промени на правни лица во Централниот регистар.

„ Имено, од сознанијата со кои располага Управата за финансиска полиција, ова лице лажно се претставувало дека е адвокат и регистрационен агент за упис на промени во ЦРСМ и посредувал и вршел промени на сопственичката и управувачката структура на правни лица низ целата територијата на Република Северна Македонија, кои имале неподмирени даночни обврски по повеќе основи (ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси), а со цел истите да не бидат подмирени и платени од даночните обврзници, на начин што со промената на сопственоста и управувачката структура се назначени лица од кои не може да се изврши наплатата, или, пак, истите се странски државјани и се недостапни на органите за прогон. Имено, ова лице за одреден паричен надомест (најчесто 100 евра), искористувал социјално загрозени и сиромашни лица, кои ги ставал во заблуда и им давал лажни информации дека правните лица немаат никакви долгови и обврски, кои за паричниот надомест се согласиле да потпишат документација со која ја презеле сопственоста на правните лица, додека, пак, за управители на предметните правни лица искористил податоци од лица – странски државјани кои никогаш не влегле во територијата на РСМ ниту, пак, имале регулиран престој. Воедно, со цел да ги изврши промените во ЦРСМ за седиште, назив, управител и други промени, ова лице, свесно ги фалсификувало потписите на новите сопственици и во нивно име ги потпишало сите изјави и полномоштва и друга документација потребна да се извршат промени во ЦРСМ“, се наведува во соопштението.

По завршување на предистрагата и целосно документирање на случајот, од страна на Управата за финансиска полиција ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство.