Со зурли и тапани и големо дефиле на играорци што се слеа од повеќе страни на Градскиот плоштад, во Крива Паланка започнаа фестивалските празнувања што ќе се одвиваат во наредните 10 дена во градот под Осоговието, во чест на патронот и заштитник „Свети Јоаким Осоговски“.

Празничната прослава традиционално започна со Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, оваа година надополнет со Фестивал на храна и Фестивал на знаети и ракотворби, обединети во единствена манифестација „Шопско село“.

„Сето она што не одликува како народ и нација од денес започнува да се презентира пред публиката преку богата програма која ги отвора вратите за сите посетители. Во следните 10 дена Крива Паланка ќе биде центарот на културните случувања во Македонија и регионот. Градот наликува на голема културна сцена за публика и гости од сите краишта и за сите возрасти“, истакна градоначалникот Сашко Митовски на официјалното отворање на фестивалот.

Крива Паланка веќе е преполна со гости и посетители , како и учесници на фестивалите и манфестациите, а празничната атосфера се чувствува насекаде.

Во наредните два дена продолжува маниестацијата „Шопско село“, по што на 23 и 24 август следува музичкиот фестивал „Џој фест“ на кој главна ѕвезда ќе биде Калиопи, а кулминација на празнувањата е настапот на мега популарната Северина на 28 август.

Општина Крива Паланка е подготвена да го прими зголемениот прилив на возила и посетители со воспоставување посебен режим на сообраќајот, дополнителни паркинг локации и редарска служба.