По потребните подготвителни активности, почнаа градежните работи за реконструкција и проширување на патниот правец граничен премин Ќафасан, на албанско-македонската граница до градот Елбасан.

Според директорот на Агенцијата за државни патишта Ервис Бербери, работите на овој патен правец ќе се одвиваат во три фази, поради високиот трошок во државниот буџет, додека во моментов се започнати работите на делницата Фуш Лабинот-Мирак.

– Започнаа работите на првиот сегмент, кој е во должина 5,3 километри, кој почнува од Фуш Лабинот и завршува во Мирак. Вредноста на првата фаза од проектот е 2,6 милијарди лека со вклучен ДДВ, според потпишаниот договор. Патот ќе биде од категорија Б, која вклучува 4 ленти за движење со минимална брзина од 110 километри на час, го заобиколува Прењас и влегува кај Рајце, рече Бербери.

Додаде дека проектот предвидува интервенција на постојниот пат, но и изградба на нови сегменти во зависност од теренот. Напоредно со тоа ќе се направи студија за изградба на бајпас во Елбасан, со цел да не се влегува во градот.

Бибери посочува дека патниот правец Ќафасан – Прењас – Елбасан (8,1 километар) е дел од Коридорот 8 и главен јазол на копнената врска со Македонија и Грција и последните години има за неколкупати зголемена фреквенција.

– Изграден пред повеќе од две децении единствените инвестиции беа во неговото одржување. Во нашата анализа оценуваме дека проширувањето на патот ќе ги намали сообраќајните незгоди и честите блокади, го олеснува сообраќајот и го скратува времето на патување, како во правец кон Северна Македонија, така и во правец кон Корча, со зголемување на максималната дозволена брзина, додава Бербери.

Оваа важна делница се очекува да биде завршена во рок од две години, вели тој и додава дека ако до денес од Ќафасан до Елбасан се потребни 1 час и 30 минути, по изградбата, ова оддалеченост ќе се минува за само 35 минути.