Депонијата „Дрисла“ ќе добие субвенции во висина од 20 милиони денари (325.000 евра) од Град Скопје за да може нормално да работи. Концесионерот, италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ ја оставил депонијата во долгови, па сега преку помош од буџетот, Град Скопје ќе врши консолидација на јавното претпријатие. Одлуката за субвенционирање на „Дрисла“ треба да биде усвоена на седницата на Советот на Град Скопје закажана за вторник идната недела.
Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека депонијата на 20 јануари ја презеле со 2,3 милиони евра неплатени обврски и 1,4 милиони евра побарувања кои депонијата ги има кон фирми.
„Претпријатието се наоѓа во незавидна економска состојба. Со овие средства ќе овозможиме извесна материјална консолидација на претпријатието додека депонијата почне да работи според новите принципи кои ќе ги воведеме. Но, за старт поради наследените долгови потребни се субвенции за да не се блокира работењето. Јас наложив комплетна ревизија во работењето и она што ќе биде констатирано ќе го презентираме во јавноста“, вели Шилегов.