Засилена контрола на сите гранични премини на патниците кои доаѓаат од критичните региони во северна Италија, обезбедување простор за изолација на патници во неколку медицински центи низ земјава и формирање кризен штаб во Министерството за здравство што ќе ги координира сите активности на надлежните институции. Ова е договорено на вечерашниот состанок на Управувачкиот комитет на Центаорт за управување со кризи на кои беа разгледувани мерките за превенција од вирусот Ковит 19.

Министерот за здравство Венко Филипче по состанокот изјави дека патниците кои ќе доаѓаат од критичните региони во северна Италија ќе се упатуваат и пропуштаат само на неколку гранични премини – Богородица, Блаце, Деве Баир, Табановце и Ќафасан со цел да биде што поконцентирана контролата.

Патниците, пак, кои денеска со два лета од Милано пристигнуваат во Скопје и во Охрид ќе бидат детално инервјуирани, прегледани и по потреба тестирани.

Обезбедени се простори за изолација на патници кои треба да бидат мониторирани 14 дена, и во прво време тоа ќе бидат инфективните одделенија во Штип, Велес и Гостивар, кои ќе бидат обезбедувани од полицијата.

Филипче го повтори апелот да не се патува во критичните региони во Италија каде што е потврдено присуството на Ковит 19. Утре Владата на седница ќе дискутира за одложување на сите организирани посети на Италија од страна на држаните институции.

Најави дека кризниот штаб во МЗ што ќе ги координира сите активности секојдневно ќе одржува брифинзи за најновите информации од теренот.

Филипче информира и дека тестовите на тројцата Кинези кои денеска пристигнаа во земјава се негативни, но за секој случај, тие иако веќе биле во 14 дневен карантин, ќе останат во изолација уште две недели под мониторинг на македонските здравствени власти.