Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведуваат засилени контроли кај операторите со храна пред претстојните новогодишни и божиќни празници.

Се проверува дали и колку се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама.

Во овој период акцент со контролите е ставен на новогодишните пакетчиња за деца, при што се контролира рокот на употреба на производите што ги содржат, како и означувањето.

Со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи. Кај некои оператори исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде што недостигаат декларации на македонски јазик.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти, кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните може да ја пријават во Агенцијата лично, телефонски, на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или електронски на [email protected].