Со звукот на тапаните што одекна низ целиот град, предводејќи го дефилето низ централната улица и спектакуларен огномет на крајот од програмата, во Крива Паланка синоќа беше затворено годинашното, деветнаесетто издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски”.

-Во двочасовната сценска изведба на играорците на сцената се нижеа традиција и фолклор низ танците, ората и носиите – бит сочуван како идентитетска посебност на петте земји учеснички: Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Турција и Северна Македонија. Во трите фестивалски вечери на сцената на централниот градски плоштад во Крива Паланка продефилираа над 700 учесници од 18 фолклорни друштва и ансамбли од земјава и странство, велат организаторите од НУ Центар за култура Крива Паланка и Општина Крива Паланка.

Богатата програма продолжи со одличната интерпретација на Елена Андоновска, која извонредно ги отпеа познатите народни рефрени заедно со „Седенка” и ја расположи публиката што уживаше со програмата на „Крива Паланка – Град на културата” и „Кривопаланечко културно лето”.

Третата празнична вечер во градот пулсираше во ритамот на „Шопско село 2024″ во чиишто рамки за првпат годинава се одржува и „Фестивал на занаети и ракотворби” како и вториот „Фестивал на храна”.

„Шопско село” трае до недела, 25 август, додека денес и утре на културната програма во Општина Крива Паланка е 11 фестивал на забавна музика „Џојфест”, каде што главни ѕвезди се Суперхикс кои вечерва ќе настапат пред паланчани и утревечер настапува Калиопи.